Одговорно лице за радијациона заштита
Специјалист по медицинска нуклеарна физика
По завршување на додипломските студии во 2004 година по применета физика на Институтот за физика на Природно- математичкиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, Сашо Николовски започнува со работа во Лабораторијата за јонизирачко зрачење при Институтот за јавно здравје – Скопје во областа на радијациона заштита и дозиметрија. Негови главни одговорности биле персоналнаta дозиметрија на работно изложени лица на јонизирачко зрачење со ТЛД во Р. Македонија, изведување на тестови за контрола на квалитет на уреди кои генерираат јонизирачко зрачење на национално ниво во дијагностичка радиологија, амбиентален мониторинг на работни места и процена на радијационен ризик.
Во 2012 година тој прави чекор понатаму во поглед на неговата академска кариера и продолжува со пост-дипломски студии (CEMACUBE програма во областа на биомедицинскиот инженеринг) на Универзитеот во Гронинген, Холандија и на Универзитетот во Гент, Белгија со фокус на медицинскиот имиџинг и радијационата физика. По успешната одбрана на магистерската теза „Евалуација на различни дозиметриски методологии скроени за индивидуални пациенти при терапија со радиоизотопи“, магистрира на програмата во септември 2014 и се здобива со двојно звање од двата универзитети.
По неговото враќање во Македонија тој се вработува во нашата институција како медицински физичар, и дополнително, ги извршува работни обврски и како одговорно лице за радијациона заштита. Во 2020 година станува специјалист по медицинска нуклеарна физика по комплетирање на клиничка специјализација по медицинска физика во нуклеарна медицина.
Во текот на изминатите години Сашо Николовски е селектиран на многубројни тренинг курсеви организирани од Меѓународната Агенција за Атомска Енергија во областа на радијационата заштита и медицинската физика, и е добитник на неколку долготрајни престои во реномирани центри во Европа и пошироко (Институтот Руѓер Бошковиќ во Загреб – Хрватска; Rigshospitalet во Копенхаген – Данска, Центарот за медицинска физика и биомедицински инженеринг при Медицинскиот факултет во Виена – Австрија; Универзитетската болница во Болоња – Италија; Институт за хемиски анализи во Чиба – Јапонија).