Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија е единствениот производен капацитет во земјава за производство на ПЕТ радиоизотопи и радиофармацевтици. Радиофармацевтските препарати потребни за ПЕТ/КТ скенирање се произведуваат во Одделот за производство на радиоизотопи и радиофармација, чијашто инфраструктура е дизајнирана и конструирана во согласност со принципите на добрата производна пракса (ДПП) и во согласност со европските регулативи за производство на ПЕТ радиофармацевтски препарати.
Институтот е опремен со 16,5 MeV GE PETtrace 860 циклотрон за производство на ПЕТ радиоизотопи, и во својот склоп вклучува три лаборатории за производство на радиофармацевтици, две лаборатории за контрола на квалитет и истражувачка лабораторија.
Првите производства на радиоизотопи беа спроведени во декември 2015 година, а во јуни 2017 година започна рутинското производство на радиофармацевтски препарати за клиничка употреба.
Производството на [ 18 F]FDG и [ 18 F]NaF радиофармацевтици се одвива рутински, следејќи ја стратегијата за збогатување на асортиманот со други радиофармацевтски препарати кои можат успешно да се имплементираат во рамки на клиничката нуклеарно-медицинска пракса.